Ќе кажам на глас – те сакам будалетинке моја…❤



И шепна нешто на уво.

Она само одмавна со глава:

– кажи на глас

– пред пун автобус?

– па што? Цвикаш?

– шо ма цвикам? Еве ќе кажам на глас – те сакам будалетинке моја…

– тоа ти е тебе на глас? – и се обрати на една госпоѓа што седеше до неа – вие слушнавте нешто?

– не – одговори итро таа

– глеаш? Шо си таков лигуш, кажи ако кажуваш.

– сега ќе видиш – викна посилно – те сакам будалетинке моја

– пфф… слабо ти е ова гласново. Еве чичконо позади не слушна. – Викна во правец на еден чичко зачитан во новина – чичко, еј ти со новината… слушна ли ти нешто?

– мене ми збориш девојче? – покажа со прстот на себе чичкото

– да, да, слушна ли што ми рече дечково?

– нека каже погласно, не слушнав

– глеаш, смотан еден? Кажи да те случне чичето

– носи апаратче, и не му е уклучено…

– не се вади со мене, немам јас никакво апаратче, туку кажи да чуеме што имаш – одговори ѓаволесто чичето, сфаќајќи ја играта.

– важи чиче, ама под услов ти на жена ти да и кажеш исто што ќе кажам јас на мојава

– важи батко, важи

Цел автобус се загледа во него, очекувајќи реакција.

– шо е шефе? – му се обрати на шоферот кој на ретровизор будно ја следеше ситуацијата – и за тебе важи истото. И ти да и се јавиш на твојата. Потоа и се сврте на тетката до нив – и ти тетке, и ти брат, и ти со рацете у џебови, и ти девојко шо се смешкаш. За сите важи. дил? Патниците се погледнаа меѓу себе, па колебливо климнаа еден по еден.

Тогаш тој се развика на цел глас:

– ТЕ САКАМ БУДАЛЕТИНКЕ МОЈА!!!

Потоа се сврте наоколу и значајно ги погледна патниците. Тие се најдоа малку затечени, ама ветување си е ветување. Прво чичкото со новината викна на цел глас кон жена му што седеше до него – ТЕ САКАМ БУДАЛЕТИНКЕ МОЈА.

Шоферот се насмеа, заврте на мобилниот и се развика на цел глас – ТЕ САКАМ БУДАЛЕТИНКЕ МОЈА. Еден по еден сите го повторија истото. Девојката се насмевна:

– глеаш дека може? Се прегрнаа и уживаа додека целиот автобус грмеше – ТЕ САКАМ БУДАЛЕТИНКЕ МОЈА.

Ете, од кога ви зборам дека за љубов се потребни будалетинки.

Автор: Драган Таневски

Живот и Стил

Портал за подобар, поздрав и посреќен живот💜💫

Следен Претходен