Меки лиснати кифлички со јогурт

Ова е нашиот омилен рецепт кој мајките нè научија да го правиме без грешка! Толку е добар, што ни стана традиција и уживање за подготовка. Нашите гости ги обожаваат превкусните меки лиснати кифлички со јогурт! Вкусот им е свеж, крцкав, меки се, со еден збор, неверојатни!

Често пати ги правиме без фил, а може да им  ставите сирење, пица фил или друг фил по желба. Во било која и варијанта да се одлучите, вкусот е гарантирано добар и нема да згрешите. Погледнете ја фотографијата и веднаш ќе знаете дека е време да се упатите кон кујната.


Состојки:
За стартер:

  • 2 коцки квасец
  • 200 мл млака вода
  • 2 лажички шеќер
  • 2 лажички сол
  • 3-5 лажици брашно

За тесто:

  • 1 литар јогурт
  • 180 мл Брилијант масло
  • 2 јајца
  • 1 ќесичка прашок за печиво од Витаминка
  • околу 2 кг брашно, по потреба

За премачкување на тесто:

  • 250 г путер или маргарин

За фил:

  • Фил 1: дробено сирење по потреба
  • Фил 2: Пица фил по потреба (рендана шунка и кашкавал/сирење, пица кечап од Витаминка, оригано)

За премачкување и поросување на кифлички:

  • 1-2 јајца по потреба
  • сусам по потреба.

$ads={1}
Подготовка:

  1. Најпрво започнете со подготовка на стартерот. Во поголем сад за месење ставете ги коцките квасец, млаката вода, солта, шеќерот и брашното. Измешајте со помош на лажица. Смесата треба да биде кашеста. Оставете да отстои 10-тина минути.
  2. Штом излезат меурчиња и смесата нараснала во волумен може да започнете со додавање на другите состојки за тестото.
  3. Дел од брашното измешајте го со прашокот за печиво.
  4. Во садот за месење додајте ги јогуртот, Брилијант маслото, јајцата и претходно припременото брашно, па започнете со месење. Брашното додавајте го полека, по потреба додека замесите меко тесто.
  5. Откако добро сте го измесиле, оставете го 15-тина минути да одмори, а притоа покријте го со најлонска фолија за да не се формира кора на површината.
  6. Кратко премесете го, колку да го префатите неколку пати, а потоа оформете топчиња со големина на портокал или цитрон.
  7. Секое од нив, расучете го со помош на оклагија или сукало и премачкајте го со путер или маргарин. Потоа, исечете го од средината кон краевите, да наликува во вид на цвет, а едно од делчињата испланирајте да биде малку поголемо од другите.
  8. Секое од делчињата, едно по едно, вртете ги кон средината на тестото и одозгора повторно премачкувајте со путерот или маргаринот. Постапката повторете ја со сите делчиња, а најголемото оставете го последно за најгоре. Најголемото парче не го премачкувајте како останатите, туку употребете го да го „заокружите“ во топче тестото.
  9. Постапката повторете ја со секое од топчињата и потоа оставете ги околу 15-20 минути да нараснат.
  10. По тоа време, започнете со расукување. Расукувајте по истиот редослед како што мачкавте, односно топчето кое прво го намачкавте прво расукајте го за подготовка на кифличките. Формата на расуканото тесто треба да биде кружна, а зависно од тоа колкави сакате да ви бидат кифличките, потоа сечете го на половина, па на четвртини, па на осмини, а ако сакате и помали извадете 12 „триаголници“ од кружното тесто.
  11. Секој од добиените„триаголници“ завиткајте го во кифличка. Постапката повторувајте ја додека го потрошите целото тесто. Не мора, а по желба, може да ставите фил. Ние ви приготвивме кифлички со фил од сирење и кифлички со пица фил. Како и да изберите, вкусот е гарантирано добар и нема да згрешите.
  12. Направените кифлички ставете ги во тавата за печење, која може да ја обложите со хартија за печење или да ја намачкате со Брилијант масло. Наредените кифлички во тавата за печење треба да стојат барем додека ја дуплираат својата големина. Откако нараснале, се премачкуваат со изматеното јајце, но внимателно и нежно, па се поросуваат со сусам или сусам и оригано ако се одлучите за пица фил. По тоа може да ги препознавате во кои каков фил сте ставиле и во случај ако ги печете во ист плех.
  13. Печете во претходно загреана рерна на 250 степени, додека заруменат и добијат златно кафеава нијанса, како на фотографијата.
  14. Кога ќе ги извадите од рерна, оставете ги во плехот или тавата во која се печеле за да се изладат, а при тоа, покријте ги со кујнска крпа. Ќе бидат меки внатре, а кората крцкава и лисната. На здравје!
Рецептот е превземен од sezahrana.mk
Живот и Стил

Портал за подобар, поздрав и посреќен живот💜💫

Следен Претходен