Неколку чудни навики кои ги имаат сите љубители на книгата

Секое хоби , па и читањето, е проследeно со одредени чудни навики.  Ако сте љубител на пишаниот збор, несомнено имате долга листа на мали ритуали поврзани со читањето, кои, оние различните од вас не ги разбираат. Додека пак, имате чувство дека оние сличните,  разбираат еден важен дел од вас. И обратно.



Како на пример, книгите ги оставаме на необични места. Покрај на полиците, честопати во домот на еден книгохоличар можете да најдете книги на подот до креветот во спалната, во бањата, на трпезариската маса...Оправдано, не може сé да се смести на една полица.

Иако звучи непристојно, се случува да ја испуштиме поентата на некој разговор или едноставно целосно да се изолираме од околината, читајќи. Иако, можеби, нашиот пријател ни зборува за некоја интересна тема. Како, да речеме, живот на планетата Марс.

Кога станува збор за книжарници и библиотеки, за нас се како црна дупка. Се губи смислата за време и простор. Можеби поминале и часови, а ни се чини како еден момент. Па сепак, не постои посреќно место на светот од просторија исполнета со книги.

Би ги споменала и повеќечасовните разговори за фиктивни ликови. Бидејќи, на некој начин, за нас се реални. Кога некој “скаран” со книгите би нé прашал за темата на разговор и ќе се потрудиме да објасниме, нашата посветеност на лик што постои само на страниците на некоја книга, звучи збунувачки.

Прецизноста со која ги подредуваме книгите на полиците и нивниот редослед, е исто така дел од оваа листа. Некои претпочитаат азбучен ред, некои ги подредуваат книгите по боја, други по некој личен комплициран систем, наречен “омилена книга”. Без оглед на критериумот, особено сме чувствителни за естетиката на нашата полица за книги и за нарушување на нивниот ред.

Изразени чувства за книга и филмска адаптација на истата. Една од честите дискусии на љубителите на книги е на тема книга – филмска адаптација. Без оглед дали ви се допаднал филмот или не, доколку направиле филм за вашата омилена книга, чувствата за целиот процес се исклучително силни и измешани. Можеби би се чувствувале и навредени што не ви е понудена една од главните улоги.

Конечно, би ја издвоила потребата секогаш да бидеме подготвени и да имаме на располагање доволно материјал за читање. Верувале или не, постои термин кој означува страв од недостиг на книги или страв дека материјалот за читање е при краj. Се нарекува Abibliophobia.

Денес одлучив да ви ја препорачам “Тетовирачот од Аушвиц” на Хедер Морис.
Вистинска приказна за најхуманото во човекот, во најлоши околности.
Лали Соколов, еден од многуте Евреи затворени во озлогласениот концентрационен логор, по игра  на случајност ќе добие задача да ги тетовира затворениците со нивните приемни броеви. Од приемните броеви зависи дали затвореникот ќе заврши во една од гасните комори . “Титулата” на тетовирач ќе му донесе одредени привилегии, а пак алтруизмот – невољи. 
Емотивна и потресна книга за годините поминати во глад, страв за сопствениот живот, исчекување, неизвесност за тоа што носи следното утро, но и за љубовта како основен двигател и светло на крај на тунелот. Запознавајќи ја Гита, љубовта на својот живот, Лали повторно ја наоѓа смислата на животот, иако неговата пожртвуваност и постапки би можеле многу лесно да го етикетираат како соработник со непријателот и да го доведат во опасност неговиот и животот на неговата сакана.
Една од најпродаваните книги за 2018 година, базирана  на тригодишните раскажувања и разговори на писателката со Соколов пред неговата смрт. Приказна што нема да ве остави рамнодушни.

Автор: Ивана Стелла

Живот и Стил

Портал за подобар, поздрав и посреќен живот💜💫

Следен Претходен