Александра Шијакоска: И од блогерството може да се заработува како и кај другите работи, ако се работи со љубов

Денес, разговараме со добро познатата модна блогерка Александра Шијакоска, кај нас во Македонија важи за една од најпознатите модни блогерки со скоро 40 илјади следбеници. Девојка полна со топлина, скромност, љубов и желба да помогне секому. Воедно, и голем мотив и пример за многу млади кои мислат дека блогерството е неуспешна инвестиција и труд во Македонија.

Со неа поразговаравме за негативните страни на работата, омилен подарок кој го има добиено како модна инфлуенсерка, дали добро се заработува, и кој е најдобриот животен совет кој го добила. Се тоа и многу друго, прочитајте во продолжение.👇

Живот и Стил: Здраво Александра, како си?

Александра: Благодарам на прашање. Ова беше тешка година за сите, мислам дека сите не промени, но супер се држиме. Јас сум исполнета и среќна опкружена со искрени пријатели и луѓе кои ме сакаат и тоа ми е доволно.

Живот и Стил: Кое е првото нешто кое го правиш наутро?

Александра: За жал прво се фаќам за телефонот. Мислам дека сите го правиме истото. Работам на тоа да сменам некои навики, но начинот на живот е таков. 

Живот и Стил: Никогаш не би испаднала од дома без:

Александра: Никогаш не би излегла од дома без телефонот и паричникот, мислам дека тоа е единствено што носам во ташната, ах и маска секако. 😩

Фото: Instagram @aleksandrashijakoska

Живот и Стил: Колку време од денот ти одзема модното блогерство?

Александра: Да ме прашавте пред три години ќе кажев голем дел од времето. Сега се борам со тоа да си го организирам и менаџирам времето правилно. Ако порано сликав скоро секој ден сега сликам два пати неделно, останатите работам друго. Си оставам дел од денот за пријателите, саканите, семејството. Тоа ми е поважно од се'. Работа ќе има секогаш и може да почека. Кога чувствувам дека станувам роб на работата се повлекувам некое време и собирам сили за нови идеи.

Живот и Стил: Кое ти е омилено парче облека?

Александра: Не може да прашате моден блогер за омилено парче 🤣 Секој ден имам ново омилено парче. Ама ајде барем три. Добри црни чизми, бели најк патики и тренерките од мојата нова колекција која треба да излезе за месец дена 🤗

Живот и Стил: Кој е твојот омилен светски моден бренд?

Александра: Диор, сега и засекогаш. Се надевам некогаш ќе имам можност да си купам барем нешто од тој бренд.

Живот и Стил: Како изгледаа твоите почетоци во модното инфлуенсерство? 

Александра: Како и секој почеток. Тешко. Но, со упорност, труд, верба во себе и љубов кон тоа што го работиш се' е возможно.

Живот и Стил: Дали добро се заработува од ова?

Александра: Да. Доколку добро ја работиш оваа работа, достоинствено и си искрен со луѓето кои те следат. Заработката доаѓа многу подоцна, секако доколку не се откажеш на првата пречка на патот. Јас работам повеќе работи, но блогерството ми е главна и ми е доволно за да си дозволам се што некогаш сум замислувала и посакувала. Затоа не се откажувајте!

Фото: Instagram @aleksandrashijakoska

Живот и Стил: Кој е најубавиот порарок кој си го добила како инфлуенсер?

Александра: Ги ценам и вреднувам сите подароци исто. Без разлика која им е материјалната вредност. Особено ми значи да се персонализирани и да е вложен труд во нив. Ајде да го одвојам подарокот што го добив од група девојчина што ме следат на инстаграм, тоа беше тегла со желби и кутија која се отвораше и имаше милион слики и моменти кои ни самата не би ги забележала да не беа девојките. Нешто што ќе го чувам засекогаш.

Живот и Стил: Колку време ти е потребно за да уредиш една фотографија?

Александра: Многу малку. Имам фотографи кои ме сликаат долго време па веќе не ни се потребни саати сликање. Тие знаат што сакам и сликаме многу брзо. Сликаат најдобро на свет па не ми треба уредување на фотографиите, само малку ги осветлувам на lightroom, а тоа трае една минута. Менувањето комбинации е најкомплицирано од се и одзема најмногу време. 😄

Живот и Стил: Која светска славна личност би сакала да ја запознаеш?

Александра: Викторија Бекам ако го земе и Дејвид со неа. 🤫

Живот и Стил: Наброј пет омилеми модни инстаграм профили!

Александра: Имам многу, не би се врзувала со некој омилен. Ќе набројам неколку: Leonie Hanne, Chiara Ferragni, Marta Siera, Hailey Bieber, Lissy Roddyy.

Фото: Instagram @aleksandrashijakoska

Живот и Стил: Дали оваа работа има негативни страни и кои се?

Александра: Секако дека има. Да тргнеме од тоа дека голем дел од луѓето не знаат што е тоа, или не го прифаќаат како работа. Па тоа што си цело време под притисок да не згрешиш нешто или да бидеш погрешно сфатен. Го знаете она, една нула една кула, епа во оваа работа е еден погрешен збор или потег и се добро што си направил ќе биде заборавено во секунда. Ајде да кажеме дека има повеќе позитивни страни. Некако сите сакаат да ја работат оваа работа, поради тоа што мислат дека оваа работа е само добивање и отворање на подароци. Yeah right 😅

Живот и Стил: Најдобриот животен совет кој некогаш си го добила:

Александра: Сум добила многу добри животни совети и поуки, повеќето од дедо ми. Ајде нека биде тоа што ме научил дека треба да дадеш и тоа малку што го имаш за да ти се врати дупло. Раката која дава не се суши. Тоа ќе го паметам и применувам секогаш. И тоа дека треба да верувате во карма.

Живот и Стил

Портал за подобар, поздрав и посреќен живот💜💫

Следен Претходен