Денес, разговараме со прекрасната и доста талентирана Александра Јанева. Кај многумина позната по својот ангелски глас и одличните настапи.
Со неа поразговаравме за тоа што прави периодов додека се уште трае оваа пандемија, како ја надополнува празнината без настапи, ја прашавме и што би била друго освен естраден уметник, но и многу други интересни теми прочитајте во продолжение.
Живот и Стил: Рутина која ја имаш создадено и на која си горда?
Александра: Изминативе година-дена некако сум навлечена на фитнес и подобрување на животните навики во целост. Инвестирањето во подобрата верзија од себе ме прави горда.
Живот и Стил: Со која светска ѕвезда би снимила дует?
Александра: Bruno Mars!
Живот и Стил: Александра не е Александра без:
Александра: Благо! 😂
Живот и Стил: Претпоставуваме дека поминуваш големо време дома, како и сите останати. Ќе можеш ли да споделиш некоја интересна занимација (хоби) до нашите чители – Што правиш во слободно време?
Александра: Периодов многу сакам да готвам и да испробувам нови рецепти, вежбам дома или во теретана 4-5 пати во неделата. Премногу ми недостигаат настапите во живо и квалитетните часови поминати во интеракција со публиката и затоа многу често знам да се присетам на сите тие убави моменти пеејќи низ дома.
Живот и Стил: На што трошиш најмногу пари?
Александра: Облека и храна. 😃
Живот и Стил: Дали некогаш си размислувала што би била друго ако не беше естраден уметник?
Александра: Би можела да бидам многу работи, но со ништо толку исполнета и среќна како со музиката. 😃
Живот и Стил: Пред почеток на кризава со коронавирусот сведоци сме дека имаше многу настапи низ Македонија. Претпоставуваме, дека настапите станаа дел од тебе. Како ја надополнуваш оваа празнина?
Александра: Пеењето и музицирањето се моја неопходност и непресушен извор на задоволство и среќа. Тоа е единствената работа од која никогаш не можам да се заситам и навистина е тешко и демотивирачко кога од тебе извира музика и енергија која не можеш да ја споделиш со публиката на вистинскиот начин.
Живот и Стил: Од каде црпиш инспирација за нови песни?
Александра: Од секојдневните чувства, мисли, случувања. Понекогаш ми е доволно да слушнам или прочитам само еден збор и да ми надојдат безброј идеи по што следува еден долг процес на размислување, селекција и визуелизирање на приказната. Понекогаш пак, се пронаоѓам во туѓата среќа или тага и тоа ме мотивира уште повеќе да откривам и споделувам сопствени искуства преку песна.
Живот и Стил: Со која песна би се опишала себе?
Александра: If I ain’t got you – Alicia Keys.
Живот и Стил: Дали имаш некој идол чии стапки ги следиш?
Александра: Има многу луѓе од кои секојдневно се мотивирам, но немам конкретен идол. Длабоко верувам во тоа дека секој од нас испишува своја историја и остава некаков посебен белег во општеството. Влијанието од надворешноста би требало само да го поттикне и предизвика она најдоброто од нас да излезе на површина.
Живот и Стил: Што може да очекуваме ново од тебе на музичката сцена?
Александра: Многу нова музика, ја обожавам и едвај чекам да дојде вистинското време да ја слушне и публиката. 😃
Живот и Стил: Цитат по кој живееш?
Александра: Успехот кај човекот се мери по тоа колку е способен самиот за себе да направи, а не по она што другите ќе го сторат за него.