Андријана – BeautyAnica: Мило ми е што девојките кај нас знаат дека нема потреба од премногу шминка за да изгледаш убаво

Денес, разговараме со најкреативниот и најпопуларен мејк-ап артист кај нас и пошироко - Андријана Станковскa. Таа со својот талент и креативност успева да направи вистински ремек-дела кај своите клиенти, но и кај себе. Доказ за нејзината успешност во светот на убавината е и нејзиниот Инстаграм профил кој има над 40 илјади фанови и фотографиите кои ги има објавено се повеќе од воодушевувачки.

Со неа поразговаравме за нејзините омилени трендови моментов, како ја започна својата кариера во светот на убавината, ја прашавме и кои се најчестите грешки кои жените ги прават околу шминката и многу други интересни теми, прочитајте во продолжение.

Живот и Стил: Кое е првото нешто кое го правиш наутро?

Андријана: Па прво нешто што правам - варам кафе. Си правам огромен шол со кафе, за мене и за дечко ми и го пиеме низ разговор, гледање на некоја серија или играјќи шах. Шахот ни е омилена занимација, особено наутро,  те тера да размислуваш така да одличен е за активирање на мозокот.

Живот и Стил: На што трошиш најмногу пари?

Андријана: Очигледниот и логичен одговор е на шминки. Но, бидејќи тоа ми е работа и морам да  купувам шминки, настрана од тоа, најмногу трошам пари на патување. Или трошев пред да дојде Ковид. Сакам да пробувам нови работи додека сум во било која земја, па така на пример бев на сурф-камп во Шпанија, бев да качувам вулкан на Бали , да нуркам во Хрватска и слично. Мислам дека со тоа создавам убави спомени и имам разни интересни приказни за кажување. Не сакам да трошам пари на облека, накит, штикли и слично. Едноставно не сум таков тип. 

Живот и Стил: Кој во моментов ти е омилен тренд? 

Андријана: Во светот на убавината и шминката, ми се допаѓа што и кај нас дојде оној тренд на по природен изглед. Мило ми е што девојките знаат дека нема потреба од премногу шминка за да изгледаш убаво. Само е важно да се истакнат природните црти и контури на жената. 

фото: Инстаграм @beautyanica

Живот и Стил: Дали некогаш си размислувала што би била друго ако не беше мејк-ап артист?

Андријана: Освен шминката, што ја обожавам...сакам се друго што е креативно. Моментално работам на курс за шминка, што секако е дел од истата професија само на повисок степен. Освен тоа, би можела да работам како сценарист. Имам многу идеи за кратки видеа/филмови. Зедно со мојот дечко веќе и напишавме 5 сценарија за анти-булинг кампања (стоп за детско насилство). Првото видео почнавме да го снимаме... но за жал почна карантинот и се прекина цел проект. Ќе продолжиме по завршувањето на курсот за шминка. И ако би бирала трета професија тогаш тоа би било поврзано со готвење. Уживам да готвам и да експериментирам со рецепти. 

Живот и Стил: Како и кога започна твојата кариера во светот на убавината?

Андријана: Пред околу 9 години. Бев трета година на факултет, студирав Архитектура, и воедно почнав да учам да шминкам. Веднаш штом почнав да шминкам знаев дека нема да продолжам со Архитектурата како професија. Бев во дилема краток перод и се одлучив за Шминкер. Оваа професија е толку опширна и креативна, што можеш да учиш и да се надоградуваш цел живот. 

Живот и Стил: Кој е најголемиот предизвик со кој еден мејк-ап артист може да се соочи?

Андријана: Од сè што сум работела до сега , можам да кажам дека специјалните ефекти и трансформациите се едни од потешките предизвици за мене. Но, секако со многу труд и време се може да се постигне. 

фото: Инстаграм @beautyanica

Живот и Стил: Без кој мејк-ап продукт не можеш да си ја замислиш работата?

Андријана: Ух тешко е да се одбере. Премногу се хаха. 

Живот и Стил: Kои се најчестите грешки кои жените ги прават околу својата убавина?

Андријана: Па, јас мислам користење на премногу шминка. Не треба многу шминка за да се истакнат убавините на една жена. Исто и променување на техники кои се содветни за формата на очите и лицето. За секое око/лице има соодветни техники на шминкање и ако не ги применувате, односно користите погрешни, може да се создаде спротивен ефект и тоа нема да изгледа убаво. За тоа и го правам курсот со тој концепт. Со различни техники за сите форми на очи и лице. 

Живот и Стил: Која македонска славна личност намногу пати ја имаш шминкано?

Андријана: Од девојките Валери, а од момците Тајзи. Можам да кажам дека со Тајзи е секогаш интересно да се работи бидејќи тој има уникатни идеи за спотови и за шминка. На пример, на неговата последна песна ‘Сине’ го трансформирав во старец. Тоа беше многу забавен процес. На предходната песна ‘Гори’ исто имаше интересни шминки и face art за него и за девојките. А, на песната  ‘Пабло’ го трансформирав Кирил Трајковски во Пабло Ескобар .Обожавам проекти на кои можам да ја покажам креативноста, затоа спотовите на Тајзи се секогаш предизвик за мене. 

Живот и Стил: Цитат по кој живееш:

Андријана: Јас сум overthinker во суштина, и неретко се случува да се нервирам и грижам за работи што не постојат, а и никогаш нема да се случат. Па така, и често сакам да се потсетувам да живеам во сегашноста и да уживам во секој момент. Бидејќи навистина не сме во контрола и не знаеме што ќе се случи во наредна минута. Тоа го имам како тетоважа..’You are not in contrоl’… така да може да се рече дека по тоа живеам. 


Живот и Стил

Портал за подобар, поздрав и посреќен живот💜💫

Следен Претходен