Даниел Николовски: Шминката има своја култура и правила, која секој кој има желба да ја користи треба барем малку да ја познава

Денес, разговараме со најпопуларниот македонскиот мејк-ап артист и стилист Даниел Николовски. Многу голем дел од нашите јавни личности му ја довериле својата убавина токму него. Неговиот Инстаграм профил има над 250 илјади фанови, што е уште еден доказ за неговата успешност. 

Со него поразговаравме за како започнала неговата кариера, кои се најчестите грешки кои дамите ги прават околу шминката, која наша јавна личност најмногу ја има шминкано, но и многу други теми кои ви гарантитаме дека ќе ви бидат интересни, прочитајте во продолжение.

Живот и Стил: Здраво Даниел, како си?

Даниел: Со оглед на ситуацијава одговорот на ова прашање мислам дека никогаш не бил подолг, но ајде се обидам да го упростам и да кажам дека сум супер со оглед на тоа дека сме здрави кога тоа ни е најважно.

Живот и Стил: Без што не можеш да го започнеш утрото?

Даниел: Моето утро не е комплетно и секогаш започнува со турско кафе, бидејки без тоа би бил сонлив во текот на целиот ден.

Живот и Стил: Што најмногу мразиш кај луѓето?

Даниел: Со оглед на тоа дека и мојата професија е директно поврзана со луѓе, а за да бидеш успешен во тоа кое јас го работам треба да ги сакаш луѓето и да сакаш да им удоволиш, меѓутоа дефинитивно најмалку од сите карактерни особини знам да се носам со лицемерие, затоа еве ќе го издвојам како особина која нема да кажам дека ја мразам претежок ми е тој збор, меѓутоа која знае да ме изнервира. 

Живот и Стил: На што трошиш најмногу пари?

Даниел: Јас сум некој кој никако да научи да штеди... кога станува збор за трошење доколку почнам да набројувам би немало крај, но еве ќе издвојам дека најмногу пари трошам на гардероба и храна.

Живот и Стил: Даниел не е Даниел без:

Даниел: Јас дефинитивно низ годините научив дека се околу нас не може да е континуирано присутно и дека без некои работи кои сме сметале дека не можеме и те како можеме. Така што, од материјални работи нема нешто без кое не можам, додека без блиските и семејството имам чувство како да ми фали дел од себе.

Живот и Стил: Кој во моментов ти е омилен тренд?

Даниел: Јас и не сум некој кој по секоја цена прати трендови, но не дека не прифаќам нешто кое е во склоп на мојот стил кој низ годините некако самиот си се гради .Така што дефинитивно, не многу од новите трендови како начин на живеење ги прифаќам и можам да се пронајдам ,додека на професионален план тоа е сосема поинаку, гледам секогаш да се надоградам и да испратам се што би го збогатило моето знаење и би ме направило подобар во работата, а на тоа поле дефинитивно бушавите веѓи расчешлани нагоре ми се фаворит моментално. 

Живот и Стил: Дали некогаш си размислувал што би бил друго ако не беше мејк-ап артист?

Даниел: На ова прашање дефинитивно ќе дадам најкраток одговор, бидејќи јас буквално ништо друго ниту знам да работам ниту сметам дека имам талент.

Живот и Стил: Како и кога започна твојата кариера во светот на убавината?

Даниел: Јас сум искрено некој кој никогаш немал дилема околу тоа со што би сакал да се занимавам, и тоа било така од кога знам за себе. Со оглед на тоа дека мојата мајка е фризерка, јас некако израснав во тој свет на убавина.

фото: Инстаграм @danielnikolovskiofficial1


Живот и Стил:
 Кој е најголемиот предизвик со кои еден мејк-ап артист може да се соочи?

Даниел: За да бидеш успешен мејк-ап артист треба секогаш предизвикот да го наоѓаш во тоа да ги надминеш очекувањата на клиентот. Со оглед на тоа дека живееме во време каде клиентите се упатени во светот на шминката и фризурата, бидејки веќе често се користат овие услуги, токму поради оваа причина секогаш мора да сме на висина на задачата и да ги одговариме или надминеме очекувањата.

Живот и Стил: Без кој мејк-ап продукт не можеш да си ја замислиш работата?

Даниел: Со оглед на тоа дека дефиницијата за шминка е естетска корекција на лице со помош на мејкап производи, ние како уметници имаме за задача да ги корегираме сите недостатоци, а истакнеме сите црти кои сметаме дека имаат предност на самиот лик. Најважна е дефинитивно подлогата и играњето со сенки на ликот кој го нарекуваме контурирање, така што од оваа причина ќе го издвојам „контур кит“ како омилен производ.

Живот и Стил: Kои се најчестите грешки кои жените ги прават околу својата убавина?

Даниел: Кога е во прашање шминката, тоа е навистина една креативна алатка која ни дозволува многу, меѓутоа да биде намесена со знаење и вкус. Осетот за естетика е едно сетило кое повеќето луѓе го имаме по сите стандарди кој ги налага. Исто така има и една група која смета дека го има, а го прикажува на еден лош и погрешен начин. Шминката има исто така една своја култура и правила која секој кој има желба да ја користи треба барем малку да ја познава. Јас сум искрено против премногу шминка или пак нанесување производи сосема поинаку од тоа што би требало да бидат нанесени... тоа е она што навистина ми пречи бидејки со малку труд тоа може да се научи во денешно време од совети на професионалци или пак на интернет.

Живот и Стил: Која македонска славна личност намногу пати ја имаш шминкано?

Даниел: Искрено немам броено кој колку пати сум го шминкал, меѓутоа низ овие 12-13 години како мејкап артист дефинитивно многу пати се нашминкани сите мои соработници од јавниот живот, кој денеска можам и слободно да ги наречам мои блиски пријатели како на пример Елена Ристеска со која најдолги години имам соработка или пак Антониа Гиговска која ја познавам уште како едно прекрасно тивко и културно дете која прерасна во прекрасна зрела дама. 

фото: Инстаграм @danielnikolovskiofficial1


Живот и Стил: Цитат по кој живееш?

Даниел: Искрено немам цитат по кој живеам, меѓутоа многу од нив ми биле корисни за одреден дел и период од животот, како на пример, на почетокот на мојата кариера кога се носев со разно-разни непријатни ситуации тоа беше дека упорните секогаш успеваат и дека се што ќе замислиш искрено и од срце, без лоша мисла према некој друг ќе ти се исполни. 

Живот и Стил

Портал за подобар, поздрав и посреќен живот💜💫

Следен Претходен