Ива Спасовска: Запознај се себеси, така што ќе експериментираш со сè и сешто и оди како душата те води така нема да зажалиш за ништо на светов

Денес, разговараме со една од најпознатите дизајнерки во нашата држава - Ива Спасовска. Таа со својот уникатен стил ги исполнува и остварува соништата на нејзините клиенти. 


Со неа, поразговаравме за нејзините почетоци во модата, од каде црпи инспирација за нови креации, ја прашавме и колку во Македонија е ценета оваа работи, но и многу други теми кои ќе ви бидат интересни, прочитајте во продолжение.


Живот и Стил: Здрава рутина која ја имаш создадено и на која си горда?

Ива: Немам рутини. Сметам дека животот треба да се живее под фрекфенција која се менува и носи новитети, рутината не може да биде здрава, рутината разболува. 

Живот и Стил: Што најмногу мразиш кај луѓето?

Ива: Би рекла дека не сакам кога луѓето живеат за коментарите на другите луѓе, а не за својата душа. 

Живот и Стил: Претпоставуваме дека поминуваш големо време дома, како и сите останати. Ќе можеш ли да споделиш некоја интересна занимација (хоби) до нашите чители – Што правиш во слободно време?

Ива: Од секогаш сум се занимавала со сè што ќе стигнам, знам да готвам мои ново компоновани рецепти кои секогаш изненадуваат со врвен вкус, не се фалам и шалам, сериозна сум😃 Исто така многу танцувам по дома, слушам гласна музика, сликам и креирам сè околу мене (внатрешен ентериер, облека, аксесоари, чанти..). Исто така снимам приватни влогови и разговарам со мои Soul Mates за буквално сè и сешто, вежбам јога и фитнес и многу ама многу го делам времето со моите Barbie и Princess (домашни миленичиња - кучиња) или во превод ги гњавам и уживам со нив, читам интересни книги и Netflix да не го заборавиме.

фото: Инстаграм @ivaspasovska_

Живот и Стил: На што трошиш најмногу пари?

Ива: На ситници и новитети кои го олеснуваат животот за подобро финкционирање. 

Живот и Стил: Дали некогаш си размислувала што би била друго ако не беше моден креатор?

Ива: Ќе бев глумица. И никогаш не е доцна за тоа да го остворам (тоа ми е најголемата моја неостварена желба).

Живот и Стил: Како сфати дека таа е работата „за која си родена“? На колку години започна?

Ива: Спонтано си лизгаат работите кај мене, почнав да креирам и почнаа да ми бараат девојките да ги купат работите што излегуваа од мојата фантазија создадени преку моите раце, во друго поле не сум била толку многу успешна како што сум во модата, што не значи дека е крај и дека ќе ставам точка на моите експерименти, можеби сум родена за сосема друга професија, а оваа со модата е само плус хахаха 😄

Живот и Стил: Од каде црпиш инспирација за нови креации?

Ива: Црпам инспирација од мојата енергија одвнатре, како се чувствувам во моментот така и креирам, некогаш сум толку женствена што да ѕирнеш во мене ќе видиш свила, француска чипка, светки, кадифе.. а, некогаш ќе прснам од темперамент со војнички мантили, метални елементи, капути, панталони, комбинизони.. како во последната колекција. 


фото: Инстаграм @ivaspasovska_

Живот и Стил: Како веќе доста искусна и успешна во полето на модата, што би ги посоветувала новите модни дизајнери?

Ива: На новите модни дизајнери би им кажала да работат напорно и да знаат дека егото е нивен најголем непријател во бизнисот наречен мода. 

Живот и Стил: Колку во Македонија е ценета оваа работа?

Ива: Доволно за да си среќен, а тоа е релативно за секој различно, за мене ок. 

Живот и Стил: Кој ти е светски идол во модата? Чии стапки ги следиш?

Ива: Вистина е дека немам никаков идол.

Живот и Стил: Цитат по кој живееш?

Ива: Запознај се себеси, така што ќе експериментираш со сè и сешто и оди како душата те води така нема да зажалиш за ништо на светов. 


Живот и Стил

Портал за подобар, поздрав и посреќен живот💜💫

Следен Претходен