Марио Арангеловски: Не познавам некого кој во Македонија живее само и исклучиво од јутуб. Тоа е дури и невозможно кај нас, за жал се' уште

Денес, разговараме со Марио Арангеловски, младо и амбициозно момче, кое публиката го препознава по учеството во популарното музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“. Воедно, кај нас е познат и со својот јутуб канал.

Фото: Instagram @mario_arangelovski

Со него поразговаравме за каде сака да патува, го прашавме дали се живее од јутуб, со која славна личност би сакал да сними дует, кога да очекуваме нова песна и слично. Се ова, и многу други теми за кои сме сигурни дека ќе ви бидат интересни, прочитајте во продолжение!👇

Живот и Стил: Здраво Марио, како си?

Марио: Со оглед на ситуацијата во која што сите се наоѓаме, добро се држам. Сум бил сведок и на подобри денови, но, да речеме дека секое зошто има свое затоа, и дека моменталната состојба ќе ни служи за нешто.

Живот и Стил: Кое е првото нешто кое го правиш наутро?

Марио: Правам кафе и чај од ѓумбир и лимoн.

Живот и Стил: Здрава рутина која ја имаш создадено и на која си горд?

Марио: Веќе неколку месеци се трудам најмалку саат време откако ќе ги отворам очите да нe вклучувам интернет и неверојатно делува на мене таа промена. 

Живот и Стил: Никогаш не би испаднал од дома без:

Марио: Без маска, хах. Не, шала на страна, без клучеви и телефон, претпоставувам.

Живот и Стил: Со која светска славна личност би сакал да снимиш дует?

Марио: Шон Мендес можеби.

Живот и Стил: Кој е градот кој отсекогаш си посакувал да го посетиш и зошто?

Марио: Од не знам која причина, имам очајна потреба да го посетам Лос Анџелес, од друга страна пак се' уште не сум го посетил Амстердам, Тел Авив и Барселона, кои ми се некако поблиску, а исто така се на мојата листа за патување во некоја блиска иднина, кога ќе имаме можност за нешто такво.

Живот и Стил: Кога би имал можност да бидеш светски познат пејач или јутубер - што би избрал?

Марио: Пејач, секако. 

Фото: Instagram @mario_arangelovski

Живот и Стил: Дали имаш идол кој ти е мотивација и чии стапки ги следиш? 

Марио: Не, одамна веќе престанав да идеализирам луѓе и горд сум на тоа.

Живот и Стил: Дали се живее од јутуб?

Марио: О, не, хах. Ниту познавам некого кој во Македонија живее само и исклучиво од јутуб. Тоа е дури и невозможно кај нас, се' уште, за жал. Јас сум дипломиран Социолог и работам како програмски соработник за културни манифестации и музичко сценски дејности во Фондација за култура и спорт при Општина Куманово, притоа, се занимавам со музика. Јутуб е мое хоби и никогаш не сум му се посветил доволно озбилно за тоа да прерасне во мојот основен извор на финансии.

Живот и Стил: Дали планираш во скоро време да ги изненадиш твоите фанови со нова песна?

Марио: Веќе долго време планирам да направам, односно објавам своја песна. Меѓутоа, во море на јутубери кои почнаа да снимаат песни, чувствувам одговорност кон луѓето кои сепак знаат дека јас имам и талент за пеење, па не би сакал да ме доживуваат како јутубер кој пее, туку пејач кој се снима и за на јутуб. Така што, ќе почекам уште малку да се појави вистинската песна, а работам на тоа. Во потрага сум!

Фото: Instagram @mario_arangelovski

Живот и Стил: Три особини кај Ивона што ги сакаш и три особини кои ги мразиш кај неа:

Марио: Никогаш не сум сакал да одговарам на ваквите прашања, од причина што не постои соодветен термин за она што јас го сакам и мразам кај луѓето, во случајот Ивона. Но, ајде да речеме дека не ми се допаѓаат карактеристиките на нејзиниот хороскопски знак кои од време на време се исклучително влијателни. Лав е во хороскоп, па јасно ви е за што зборувам. Од друга страна, таа ми е сепак најдобра пријателка и постојат десетина карактеристики кои не одржуваат во живот.

Живот и Стил: Цитат по кој живееш?

Марио: Живеј го секој ден како да е прв и последен.


Живот и Стил

Портал за подобар, поздрав и посреќен живот💜💫

Следен Претходен