Денес, разговараме со младиот и талентиран пејач Мартинијан Кириловски, кој веќе успеа да ги освои срцата низ Балканот со учеството во Ѕвездите на Гранд. Го опишуваат како скромно момче со големо срце и неверојатен глас и талент.
Исто така за потсетување, Мартинијан беше победник на „Макфест 2019“ со песната „100 пати на ден“ која веќе е добро позната.
Со него поразговаравме на што се посветува периодов, со кој изведувач би настапил, го прашавме и што да очекуваме ново од него на музичката сцена, но и многу друго кое со сигурност ќе ви биде интересно, прочитајте во продолжение.
Живот и Стил: Здраво Мартинијан, како си?
Мартинијан: Здраво дечки, Ви благодарам на прашањето, јас сум одлично, со надеж дека ќе бидам уште подобро. Секогаш може подобро.
Живот и Стил: Кое е првото нешто кое го правиш наутро?
Мартинијан: Првото нешто што правам наутро, му се заблагодарувам на Бога што сум се разбудил жив и здрав во новиот ден, а потоа се упатувам во кујна каде што си приготвувам високо протеински појадок, кој ми е потребен за во фитнес, како и за целиот ден што претстои. Секако појадокот е придружен со убаво македонско кафе.
Живот и Стил: Со која светска ѕвезда би снимил дует?
Мартинијан: Дефинитивно тоа е Роби Вилијамс, затоа што израснав со неговата музика и сум исклучително голем фан на Роби, почнувајќи од неговата квалитетна музика и неговиот специфичен глас, па се до големите концерти во Англија и низ светот. Тука секако би ја издвоил и Мараја Кери која е мојот омилен женски изведувач со нејзините фантастични вокални способности и техники.
Живот и Стил: Претпоставуваме дека поминуваш големо време дома, како и сите останати. Ќе можеш ли да споделиш некоја интересна занимација (хоби) до нашите чители – Што правиш во слободно време?
Мартинијан: Поголем дел од моето слободно време го поминувам во теретана каде што интензивно се посветувам на обликување на моето тело и секако моето здравје, бидејќи во здраво тело се наоѓа здрав и ведар дух. Периодов започнав и со часови по гитара, изучување на тој инструмент и техника на свирење, за да се надоградам во тој поглед. Исто така поголем дел од слободното време го поминувам со другарите, а пропратно реализирам и секојдневни обврски.
![]() | |
|
Живот и Стил: Дали некогаш си размислувал што би бил друго ако не беше естраден уметник?
Мартинијан: Секако дека да. Завршив факултет за туризам и бизнис логистика, смер - бизнис логистика, така да би можел да се пронајдам во економијата, како менаџер по бизнис логистика. Меѓутоа мојата огромна желба е да имам сопствена винарија во која ќе одгледувам квалитетно македонско вино.
Живот и Стил: Кој ти ја даде љубовта кон музиката?
Мартинијан: Сè се одвиваше уште од моите детски денови. Едноставно музиката беше секојдневие во мојот живот. Слушав и пеев секаков вид на музика. Денот ми започнуваше и завршуваше со песна. Среќа моите соседи имаа многу трпение и толеранција кон моето пеење и не ми ѕвонеа на врата. Голема благодарност до нив. П.С. И сè уште им пеам, хаха. Мојот талент, дарба од Бога си го направи своето за да дојдам каде што сум денеска.
Живот и Стил: Ако би имал можност да настапиш на концерт со некоја славна личност, која би била таа?
Мартинијан: Со оглед на тоа дека бев специјален гостин на концертот на Јелена Карлеушa во Белград, покрај неа, би го издвоил и Џенан Лончаревиќ кој е пред сè добар човек, а потоа одличен и квалитетен музичар кој го негува квалитетот на музиката наместо квантитетот, со неговата посветеност и емоција.
![]() |
фото: Инстаграм @martinijankirilovski |
Живот и Стил: Кога би морал да издвоиш некоја македонска славна личност, која би била таа?
Мартинијан: Тоа е прекрасната Елена Ристеска, заедно со волшебната нота на нејзиниот парфем „ЕРА“.
Живот и Стил: Што може да очекуваме ново од тебе на музичката сцена?
Мартинијан: Работиме интензивно на мојата нова песна, која секако ќе биде издадена за мојата матична продукција „Гранд Продукција“. Во план е и видео спот, кој ќе го долови моментот и емоцијата на песната. Можам со сигурност да кажам дека ве очекува моќна и емотивна балада, која искрено се надевам ќе допре до срцата на слушателите.
![]() |
фото: Инстаграм @martinijankirilovski |
Живот и Стил: Цитат по кој живееш?
Мартинијан: Единствен начин за да успеете е да не гледате што другите работат или пак зборуваат.