Ана Ристова: Не грижи се за работите кои не можеш да ги смениш, фокусирај се на позитивното, на работите кои можеш да ги смениш

Денес, разговараме со прекрасната Ана Ристова. Таа подолго време е модна блогерка, исто така незиниот Инстаграм профил е полн со инспирација. Неодамна, започна да креира и свои парчиња облека за нејзиниот бренд Style With Ana.

Со неа поразговаравме за како изгледаа нејзините почетоци во модниот дизајн и како инфлуенсерите се прифатени во Македонија, но и многу други интересни теми кои ќе ви бидат интересни, прочитајте во продолжение.

Живот и Стил: Здраво Ана, како си?

Ана: Искрено, со оглед на ситуацијата периодов, можам да кажам дека сум добро. Периодов се трудам да сум смирена и сконцентрирана на семејството и работата.

Живот и Стил: Здрава рутина која ја имаш создадено и на која си горда?

Ана: Дефинитивно пиењето многу вода, a периодов почнав и да внимавам многу повеќе на исхраната.

Живот и Стил: Никогаш не би испаднала од дома без:

Ана: Телефонот, вода и пари. :D

Живот и Стил: Кое ти е омилено парче облека? 

Ана: Фармерки. Парче кое е секогаш во мода и со кое може да се прават безброј комбинации.

Живот и Стил: Дали некогаш си размислувала што би била друго ако не беше моден креатор?

Ана: Веќе сум и тоа другото хаха. Прво започнав да работам како контент креатор и маркетер, па потоа започнав и со работа како дизајнер на мојата колекција.

Живот и Стил: Како сфати дека таа е работата „за која си родена“? На колку години започна?

Ана: Кога почнав со работа во една компанија само што завршив факултет. Работата таму ми ги отвори очите, сватив дека монотонијата, некреативноста и фиксните часови работа не се за мене. Без разлика што работев по струка, работата не ме исполнуваше ни малку - беше работа без предизвици. Во меѓувреме, инстаграм профилот го водев заради забава и опуштање. Правењето слики и креирањето содржини беше нешто што максимално ме исполнуваше. Така, непланирано почнаа и првите понуди за соработка од странски брендови, па решив да ја напуштам работата, да ризикувам и да пробам да го работам ова во нашата држава, а и во странство. И, еве сум сега. 

Живот и Стил: Од каде црпиш инспирација за нови креации?

Ана: Од секаде. Секојдневието, списанија, интернет, телевизија...

Живот и Стил: Како веќе доста искусна и успешна во полето на модата, што би ги посоветувала новите модни дизајнери? 

Ана: Да бидат храбри и да веруваат во себе. Да се трудат секогаш да бидат уникатни и да и понудат на публиката нешто поразлично. И секако, да не забораваат на маркетингот, кој според мене е од огромна важност за добро запознавање на публиката со еден бренд.


Живот и Стил: Колку во Македонија е ценета оваа работа?

Ана: Не доволно. Искрено, во странство, па и во нашите соседни држави, оваа работа е далеку поценета. Едноставно, недостига знаење за оваа сфера. Многу брендови не се свесни за работата која ја работиме и ефектот кој го има истата. Сепак, морам да кажам дека има исклучоци и во последниве две години имаме огромен напредок. 

Живот и Стил: Кој ти е светски идол во модата? Чии стапки ги следиш?

Ана: Не се трудам да следам ничии стапки. Сакам да го одам мојот пат. Можам само да користам инспирации и да се воодушевувам на успешни и свои личности. Една од нив е Викторија Бекам. 

Живот и Стил: Цитат по кој живееш?

Ана: Не грижи се за работите кои не можеш да ги смениш, фокусирај се на позитивното, на работите кои можеш да ги смениш, секогаш гледај напред, никогаш назад.


Живот и Стил

Портал за подобар, поздрав и посреќен живот💜💫

Следен Претходен